МАРГАРЕТ ЕТВУД ПО 33 ГОДИНИ ГО ПИШУВА ВТОРИОТ ДЕЛ НА „ПРИКАЗНА НА СЛУГИНКАТА“

Торонто, (Би-Би-Си)

Маргарет Етвуд објави дека пишува продолжение на својот култен дистописки роман „Приказна на слугинката“ (The Handmaid’s Tale), инспирирана од состојбата во којашто се наоѓа модерниот свет.

Книгата, во која се зборува за животот во САД под тоталитарен режим, стана бестселер кога беше издадена во 1985 година, а лани беше адаптирана во хит-серија, која освои два златни глобуси и 11 Еми награди. Таа повторно се врати на топ-листите по победата на Доналд Трамп на изборите во 2016 година.

Вториот дел, насловен „Тестаменти“, ќе излезе на 10 септември 2019 година. Канадската авторка, која е носител на Златниот венец од Струшките вечери на поезијата за 2016 година, откри дека дејството ќе се случува 15 години по крајот на оригиналната книга, која стана феминистичка класика. Таа не го спомна Трамп во својата изјава, но во соопштението за медиумите се вели дека „‘Приказна на слугинката‘ станала симбол на отпорот против него и на женската моќ“.

Главен лик во првата книга е Офред, една од многуте жени на кои режимот Гилеад им ги одзел претходниот идентитет и сите права за да бидат ставени во неговата сексуална служба.