МИЛИОНИ АНТИЛОПИ ГИ ПОМИНУВААТ САВАНИТЕ ВО ЈУЖЕН СУДАН ВО НАЈГОЛЕМАТА МИГРАЦИЈА НА ЦИЦАЧИ НА СВЕТОТ

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Стотици илјади антилопи се снимени како ги поминуваат саваните во Јужен Судан, што се смета за најголема миграција на цицачи на светот.

Оваа централноафриканска држава беше опустошена од војна во изминатите децении, поради што е небезбедно да се прават научни истражувања, па и податоците за движењата на дивиот свет се ограничени.

Се верува дека околу шест милиони антилопи секоја година се селат од саваните на југот кон мочуриштата на северот и истокот на земјата. Овие проценки доаѓаат од ланското воздушно истражување на теренот околу националните паркови Бома и Бадингило и областа Џонглеј, со кое била покриена површина од 4.000 квадратни километри.

Истражувањето покажа дека некои видови антилопи поминуваат дистанца од над 3.000 километри

Последните податоци ги воодушевија научниците: иако дивиот свет се намалил во многу области во светот, миграциите во Јужен Судан не само што ја преживеале војната, туку и се зголемиле.

„Ако бројките за овие видови се точни, тоа значи дека тие се зголемиле од 2007 наваму, па дури и во споредба со 1980-тите. Иако проценките не можат да бидат најпрецизни, овдека збориме за најмалку четири милиони антилопи. Тоа е двојно повеќе од годишната миграција на гнуа во Танзанија, што досега се сметаше за најголема копнена преселба на цицачи на светот“, вели Мајк Феј, главен истражувач во националните паркови во Јужен Судан.

Иако дистанцата што ја поминуваат различните видови антилопи варира, истражувањето покажа дека некои од нив поминуваат над 3.000 километри.