МИЛИОНИ ЛУЃЕ ВО МЕКСИКО, САД И КАНАДА СЕ НАДЕВААТ НА ВЕДРО НЕБО ЧЕКАЈЌИ ГО ЦЕЛОСНОТО ПОМРАЧУВАЊЕ НА СОНЦЕТО

САД, (Би-Би-Си)

Милиони луѓе во Мексико, САД и Канада се надеваат на ведро небо во очекување на еден од најголемите небесни спектакли – целосно помрачување на Сонцето, што ќе се случи денеска. Метеоролозите предвидуваат облачно време во западно Мексико, Тексас и во регионот на Големите Езера во САД, додека на другите места би требало да биде далеку подобро.

Околу 31,6 милиони луѓе живеат на патеката на целосното помрачување, кое прво ќе дојде на копното на западниот брег на Мексико, па преку 13 американски сојузни држави ќе премине во Канада. Притоа ќе зафати и неколку големи градови и густо населени области. На некои места целосното помрачување ќе трае речиси четири и пол минути.

Во бројни градови се планираат специјални собири, а НАСА и нејзините партнерски организации ќе бидат домаќини на повеќе од 100 настани. Најавено е дека над 300 двојки ќе се венчаат на масовна венчавка во американскиот град Раселвил, додека властите на канадската провинција Нијагара очекуваат еден милион посетители на славните водопади, над кои исто така ќе помине помрачувањето.

(Фото: АП)