МИСТЕРИОЗНИОТ МЕТАЛЕН МОНОЛИТ ИСЧЕЗНА 10 ДЕНА ОТКАКО БЕШЕ ОТКРИЕН ВО ПУСТИНАТА ВО ЈУТА

Солт Лејк Сити, (Би-Би-Си)

Исчезна мистериозниот метален монолит што пред десетина дена беше откриен во пустината во американската сојузна држава Јута, објавија властите.

Бирото за управување со земјиште на Јута кажа дека виделе кредибилни извештаи дека објектот е отстранет од непознато лице. Фотографиите од локацијата објавени на социјалните мрежи покажуваат куп камења и парче метал оставени на местото на монолитот.

Властите првпат го забележале чудниот објект на 18 ноември при рутински прелет со хеликоптер над пустината Ред Рок. Монолитот не се гледа на сателитските снимки од 2015 година и се појавува во октомври 2016. Потеклото и значењето на монолитот остануваат непознати и многумина веруваат дека станува збор за концептуално уметничко дело, за што никој досега не презел одговорност.

„Го посетивме местото во петокот попладне, а кога мој пријател се врати таму 24 часа подоцна, монолитот веќе го немаше“, изјави Рајан Бејчер, пилот на хеликоптер од Јута.

Од Бирото тврдат дека тие не го отстраниле монолитот, бидејќи се сметал за приватна сопственост.