МЛАДИ ШТИПЈАНИ УЧЕСТВУВААТ НА РАБОТИЛНИЦА ВО БУКУРЕШТ ЗА ИЗРАБОТКА НА ВИДЕА ПРОТИВ ДИСКРИМИНАЦИЈА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Европското ателје за уметност во Букурешт е домаќин на стручна работилница на која познати режисери и сценаристи од Романија водат обука за нови вештини и методи на изработка видеопрограми на тема „Максимална толеранција, нула дискриминација“.

Учесници се млади од 18 години од Шпанија, Италија, Романија и Македонија. Ана Данаилова, Мија Анастасова, Бојана Пехливанова, Лина Ликова, Јелена Пешиќ и Филип Грозданов се претставници на невладината организација Мрежа за европски граѓани и идентитет (НЕЦИ) со седиште во Штип.

Целта на овој европски проект е да се развиваат вештините во фотографија, видео и во користење апликации и програми за едитирање, кои би се искористиле за снимање филм како алатка за промовирање на толеранцијата и недискриминацијата помеѓу младите луѓе. За време на обуката треба да се создадат видеа кои ќе бидат поставени на социјалните мрежи“, вели основачот на НЕЦИ во Македонија, Викторија Кукушев.

Друга група млади од оваа организација од Струмица, Кочани и Скопје наредниот месец ќе учествува во проектот „Превенција од природни катастрофи“ во Кајсери Турција, а трета група ќе биде дел од проектот „Одржливост и здрави навики“ во Малага, Шпанија.

Т. ЈОВАНОВСКИ