МНТ ГИ ПОЧНА ПРОБИТЕ ЗА КОМЕДИЈАТА „ЛАГАТА“ ОД ФЛОРИЈАН ЗЕЛЕР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Македонскиот народен театар почнаа пробите за претставата „Лагата“, по текст на современиот француски писател, драматург, режисер и сценарист Флоријан Зелер, во режија на Бесфорт Идризи. „Лагата“ е опишана како безмилосна комедија која ги анализира лицемерите во општеството, лавиринт на лаги, измами и непријатни вистини што се случуваат во бракот.

„Мишел и Лоранс доаѓаат на вечера. Алис истото попладне го забележува Мишел како се бакнува со друга жена и е во дилема дали да ѝ каже на пријателката што видела. Нејзиниот сопруг Пол верува дека е подобро да се однесуваат како ништо да не се случило. Со оглед на тоа што и нивната сопствена врска се држи под лупа, станува јасно дека е најдобро некои вистини да не се кажат“, се вели во најавата.

Во претставата која првпат се поставува во Македонија играат Јордан Симонов, Габриела Петрушевска, Оливер Митковски и Драгана Левенска. Сценографијата ја работи Крсте Џидров, костимите се на Роза Трајческа-Ристовска, а автор на музиката е Игор Василевски-Новоградска.

Премиерата се очекува кон втората половина на мај.