Во Македонскиот народен театар (МНТ) почнаа пробите за претставата „Жива досада“, авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, во која тие играат со Гоце Андонов.
Од МНТ велат дека темата на копродукциската претстава е досадата на децата во денешното време. Авторите ги охрабруваат родителите да ги остават децата да им биде досадно, без да ги окупираат со разно-разни обврски само за да ја избегнат досадата.
„Децата Давид и Бојана, кои се претставници на децата од денешното време, во еден момент се среќаваат со дел од ликовите од Недојдија, каде што во одреден момент си ги менуваат местата, со цел да докажат во чие време е подосадно. Претставата поентира со тоа што ги охрабрува децата да веруваат во магијата на играта, како и да научат да комуницираат вербално помеѓу себе“, велат од МНТ.
Костимите се на Валентина Чонкова, а сценографијата на Мартин Манев. Премиерата треба да биде кон втората половина на април или на почетокот на мај.