Македонскиот народен театар (МНТ) финишира со подготовките за меѓународниот проект „Патиштата на хероите“, кој ќе трае две години. Идејата на проектот е уметнички пристап кон проблемот на социјална апатија и отсуство на делување во општеството, со нудење начини како да се справиме со него, а фокусирајќи се и на животната средина.
МНТ е носител на проектот и главен партнер, а во изработката се вклучени шест организации од Италија, Грција, Босна и Херцеговина, Словенија, Србија и Македонија преку издавачката куќа „Гаврош“.
Организаторите сметаат дека постојат голем број поединци кои веќе дејствуваат за доброто на заедницата, но не се доволно видливи. Проектот има за цел да им придаде големо значење и да ги сподели нивните приказни со цел да се инспирираат самите заедници. Тоа ќе се реализира преку сите познати медиуми за комуникација: театар, видео, претстави на отворено, изложби, илустрирани книги за деца и онлајн кампањи.
Инспирација е драмата на Хенрик Ибзен, „Народен непријател“, која го истражува влијанието на поединецот врз заедницата и обратно. Како финален производ на проектот, во 2022 година ќе има премиера на копродукцијата „Народен непријател“, во режија на Нина Николиќ, во која ќе учествуваат автори од сите партнерски земји, а во изведба на актери од ансамблот на МНТ.