„Монодрамите и дуодрамите на МНТ“ е насловена изложбата во фоајето на Македонскиот народен театар (МНТ), која е поставена и онлајн на неговите веб страница и Фејсбук страница.
Почнувајќи од 1974 и „Дневникот на лудиот“ со Владимир Светиев, па сѐ до последните „Последната лента на Крап“ на Ѓорѓи Јолевски и „Само глас“ со Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, на репертоарот имаше 20-ина монодрами и дуодрами. Низ фотографиите, костимите и плакатите забележливи се два аспекта, велат од Театарот.
„Од една страна, тоа се монодрамите, каде што е видлива посветеноста на актерот кој кога е сам на сцената, се развива, менува, остварува и/или зацврстува. Од друга страна се дуодрамите, каде што се видливи комуникацијата и врската помеѓу двајца актери, кои на сцената зависат еден од друг и при интерпретацијата на ликовите се надополнуваат еден со друг“, велат од МНТ.