ТАНЦОВИОТ ТЕАТАР НА РИСИМКИН НА 22 МАРТ ЌЕ НАСТАПИ ВО ФРАНЦУСКИ ШАЈО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со претстава на Рисима Рисимкин, Скопје танцовиот театар на 22 март 2022 ќе настапи во Националниот театар за современ танц Шајо во Париз, еден од симболите на светската културна елита. Македонските танчари, предводени од кореографката Рисимкин, ќе ја одиграат париската премиера на „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ во салата „Фирмен Жемие“.

Од Скопје танцовиот театар велат дека најавата за премиерата во Франција ја пишува Филип Нуазет, еден од најдобрите светски теоретичари и критичари на танц.

„Среќа е кога се откриваат нови територии на танцот. Така Рисима Рисимкин ја става Македонија на европската кореографска карта“, вели Нуазет.

Претставата се изведе лани на Охридско лето, по повод одбележувањето на 30 години кореографска работа на Рисимкин. Во оригиналната постава на претставата се појавија танчарите на Скопје танцовиот театар, Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Бобан Русески, Валентино Апостоловски и Исидора Краљавска, а гостинка беше првенката на МОБ, Мими Поп-Алексова.

Продукцијата е на културниот центар „Интерарт“, музиката е на Тони Китановски, костимографијата на Благој Мицевски, а зад сценографијата и светлото стои Матеа Мијановиќ.

Б. НЕСТОРОСКА