Фестивалот „Макфест“ кој годинава се одржа по 38. пат во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, понуди главно модерни песни на првата вечер во петокот, и на втората во саботата.
Целта на овогодишното издание, како што претходно кажаа музичарот Јован Јованов, кој е дел од уметничкиот тим на фестивалот и уметничкиот директор Роберт Саздов е да се следат трендовите, и фестивалот да се доближи до помладата публика.

Сценски и визуелно, „Макфест“ изгледаше одлично. Впечатлив беше настапот на поп-пејачот Александар Тарабунов кој симулираше летање на сцената. Интересен беше настапот и на Владо Јаневски, во кабаре стил, со песната „Златни години“, а песните кои добија поголем аплауз се на Андријана Јаневска, „Љубојна“, Ламбе Алабаковски, Бојана Скендеровски.
Останатите песни на помладите пејачи беа главно трендовски и различно оценети од гостите на фестивалот. Дел од новинарите коментираа дека ова не е вистинскиот „Макфест“, споредувајќи ги песните денес со старите хитови.

Помладата публика, очекувано ги бендиса новите песни. Интересно е што Штип, кој цела година живее за „Макфест“ ,живее и со старите песни на фестивалот. Секаде наоколу, во клубовите и во рестораните близу Домот на културата се слушаат и се пеат евергрините од „Макфест“. За поновите песни од претходните неколку години како да нема место кај штипјаните.

Фестивалот втора година по ред, помина без награди, а со тоа и без тензија и обвинувања за евентуални местења како претходно. Наградата за најслушана песна меѓу двата фестивала ја добија Пајак и Лара за песната „Бела“. Фестивалот го водеа Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски.
М. ЏАРОВСКА