МОРСКИОТ ЛАВ ГЕТЕ Е НАЈМИРНОТО БЕБЕ ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА – ФОТОГАЛЕРИЈА

Скопје,(СМАРТ.СДК.МК)

Веќе десет дена во скопската Зоолошка градина нов жител е 14-месечниот морски лав Гете. Гете дојде во Скопје од Зоолошката од збратимениот град Нирнберг и како што велат зоо негователите кои се грижат за него, тој е најмирното бебе во градината.

Гете во мометов е сместен во посебното живеалиште кое со ограда е одвоено од она на морскиот лав Кан

„Гете одлично се прилагодува во неговиот нов дом. Во мометов е сместен во посебното живеалиште кое со ограда е одвоено од она на морскиот лав Кан. Во него има мал базен и сите потребни услови. Многу е мирен и уживаме во времето поминато со него“, вели Драган Трајкоски кој е еден од зоо негователите на Гете.

„Многу е мирен и уживаме во времето поминато со него“, вели Драган Трајкоски кој е еден од зоо негователите на Гете

Гете во скопската градина пристигна со зоо негователи од Зоолошката во Нирнберг. Заедно со нив Драган неколку дена се грижел за Гете и тој бил првиот кој го внесол во новото живеалиште и го хранел.

„Јаде морска риба риба сардина и скуша. Полека преку оргадата која ги дели двете живеалишта се запознава со Кан. Кан е љубопитен и доколку забележи дека прво го храниме Гете веднаш доаѓа до оградата. Сега истовремено ги храниме и Кан и Гете, за да нема љубомора“, вели со насмевка Драган додека на Гете му ја даваше рибата подготвена за ручек.

Морска риба риба сардина и скуша е на менито за Гете

Гете неколку недели ќе биде во карантин во живеалиштето, а потоа ќе му се придружи на Кан во големиот базен и ќе можат да го запознаат посетителите на Зоолошката.

Во Зоолошката градина досега имаше еден морски лав Кан. Тој веќе две години е сам во своето живеалиште откако вториот морски лав Аби, кој заедно со Кан во 2015 година стигна во Скопје од Зоолошката во Загреб, угина во февруари 2017 откако голтна камен кој му бил фрлен од посетител.

Гете сега е во карантин, а наскоро ќе му се придружи на Кан и ќе може да го видат посетителите во Зоолошката

А. АНТЕВСКА

ФОТО: Ѓ.ЛИЧОВСКИ