МОСКВА ГИ ОТВОРИ ПАРКОВИТЕ ПО ДЕВЕТ НЕДЕЛИ, НО СЕКОЈ МОЖЕ ДА ПРОШЕТА САМО ТРИПАТИ НЕДЕЛНО

Москва, (Би-Би-Си)

Властите на Москва ги олеснија рестриктивните мерки, отворајќи ги парковите и трговските центри. Првпат по девет недели пауза, граѓаните можат да излезат надвор за да се рекреираат, но и тоа ќе биде под строги правила.

Парковите ќе бидат отворени од девет до 19 часот, при што секој жител ќе има право да прошета трипати неделно, што ќе се базира на ротациски систем според адресата на живеење. Вежбањето на отворено ќе биде дозволено само од пет до девет часот и притоа ќе мора да се носи маска. Ваквите мерки беа исмеани на социјалните мрежи, каде што се опишани како „распоред за дишење“.

Сите јавни собири остануваат забранети до 14 јуни.

Москва е епицентар на епидемијата на коронавирусот во Русија и градоначалникот Сергеј Собјанин стравува дека бројките се трипати поголеми од она што се објавува.