Холандија денеска повторно ги отвори кафулињата, рестораните и музеите, но голем дел од бизнисите во Вален, популарната Зона на црвените фенери, и натаму остануваат затворени.

Ова се однесува на секс-клубовите, кои нема да проработат сѐ до 1 септември, како и на кофи-шоповите, кои смеат да продаваат марихуана, но само за носење. До септември ќе биде забрането да се организираат фестивали и други големи настани, а до тогаш свои услуги нема да даваат и сексуалните работнички.

За влез во музеите ќе биде потребна резервација, а со работа денеска продолжуваат и театрите, кината и концертните сали, но во публика ќе може да има најмногу 30 луѓе.

Во Холандија досега има над 46.000 случаи на коронавирус и речиси 6.000 починати и таа е една од ретките земји во Европа која не воведе класичен карантин.