НА 1 ФЕВРУАРИ ПОЧНУВА 6. НАЦИОНАЛНА КАМПАЊА ЗА РЕТКИ БОЛЕСТИ

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

На 1 февруари почнува 6. издание на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, оваа година посветена на ретките заболувања во Охридско-струшкиот Регион.

Кампањата е од информативно-едукативен карактер, на која работеа над 60 професори и доктори од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, како и доктори од Охридската и Струшката болница, Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, Специјализираната болница „Свети Стефан“ во Охрид и од многу приватни ординации од Охрид и Струга.

„Она што е загрижувачки е бројката од 110 различни ретки болести во овој регион. Стигнавме до информации за некои ултраретки дијагнози. Ова истражување ќе ни помогне да изработиме база на податоци која ќе ни послужи во планирањето на следни активности во интерес на лицата со ретки болести и нивните семејства“, вели Гордана Лолеска од здружението „Ретко е да си редок“.

Таа додава дека позитивно искуство од изминатите години е дека помогнале и охрабриле многу пациенти и семејства да зборуваат јавно за својата болест.