НА ЗЕМЈАТА ИМА МНОГУ ПОВЕЌЕ ВИДОВИ ДРВЈА ОДОШТО СЕ МИСЛЕШЕ

Њујорк, (Би-Би-Си)

На Земјата има 14% повеќе видови дрвја одошто се мислеше досега, според истражувачите кои велат дека ја направиле првата научно веродостојна проценка. Од проценетите 73.300 видови, тие сметаат дека 9.200 допрва треба да бидат откриени.

Повеќето ретки видови се наоѓаат во тропски шуми, кои брзо исчезнуваат поради климатските промени и сечењето.

Студијата, на која работел меѓународен тим од над 140 истражувачи, е заснована на база на податоци за десетици милиони дрвја во повеќе од 100.000 шумски парцели низ светот. Тие користеле статистички техники за да го предвидат веројатниот број на видови дрвја.

„Ова откритие ја нагласува ранливоста на глобалниот шумски биодиверзитет. Најзагрозени се тропските и суптропските шуми во Јужна Америка, Африка, Азија и Океанија, каде што растат бројни познати и непознати ретки видови“, изјави водачот на истражувањето Питер Рајх од Универзитетот на Минесота.

Јужна Америка е континентот со најмногу „изгубени“ видови – 43%, па следуваат Евроазија со 22% и Африка со 16%.