ВЛАДАТА ГО ОГРАНИЧИ РАБОТНОТО ВРЕМЕ НА УГОСТИТЕЛСКИТЕ ОБЈЕКТИ ДО 21 ЧАСОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонија од утре го ограничува работното време на угостителските објекти до 21 часот, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот. Ова следува откако викендов за првпат беа регистрирани над 1.000 нови случаи на зараза во еден ден, бројот на починати се искачи над илјада и беше надминат прагот од 10.000 активни случаи.

Претходно, на кафулињата, кафеаните и рестораните им беше наложено да работат до 23 часот.

Исто така, се забранува групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 21 часот.

„Владата денеска усвои препорака за сите домашни и странски граѓани да не се движат на јавен простор после 21 часот доколку немаат важни и неопходни потреби“, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук.

Во изминатиот период, голем број европски земји ги затворија или ја ограничија работата на рестораните, баровите и пабовите среде драматичното ширење на коронавирусот, како Франција, Германија, Италија, Белгија, Холандија, Чешка и Грција.