НАЈГОЛЕМОТО ДРВО НА СВЕТОТ ЗАВИТКАНО ВО ФОЛИЈА ЗА ДА СЕ ЗАШТИТИ ОД ПОЖАРИТЕ ВО КАЛИФОРНИЈА

Калифорнија, (Би-Би-Си)

Пожарникарите ставаат огноотпорна фолија на древни дрвја во националниот парк Секвоја во Калифорнија за да ги заштитат од пожарите кои се вон контрола веќе една недела. Се стравува дека огнот брзо би можел да стигне до Големата шума, која е дом на некои од најголемите дрвја на светот.

Во шумата има околу 2.000 џиновски секвои, вклучувајќи го Генерал Шерман, дрво со најголем волумен на светот (1.487 кубни метри) и старо меѓу 2.300 и 2.700 години. Високо е 84 метри и има обем од 31 метар на тлото.

Повеќе од 350 пожарникари се ангажирани во гаснењето на пожарите, заедно со противпожарни авиони и хеликоптери. Тие имаат завиткано повеќе дрвја со алуминиумска фолија, меѓу кои и Генерал Шерман. Таа може да издржи интензивна жештина краток период и федералните власти го користат овој материјал веќе неколку години за заштита на чувствителни структури од оган.

Експертите велат дека секвоите се многу отпорни на оган и низ историјата еволуирале да преживеат пожари. Тие дури имаат полза од контролирани пожари, бидејќи пламенот ослободува семиња од конуси и на тој начин се продолжува циклусот на раст на видот.