„НАЈОСАМЕНИОТ СЛОН НА СВЕТОТ“ СЕ СРЕТНА СО ДРУГ СЛОН ЗА ПРВПАТ ПО ОСУМ ГОДИНИ

Пном Пен, (Дојче веле)

„Најосамениот слон на светот“ веќе не е осамен.

По 35 години живот во ужасни услови во зоолошката градина во Исламабад (Пакистан), Каван не само што доби нов дом во Камбоџа, туку и го имаше првиот контакт со друг слон по цели осум години.

„Сега и официјално можеме да го викаме ‘поранешен најосамен слон на светот‘! Да се гледа Каван во интеракција со други слонови е голем момент за нас, но уште поголем за него“, напиша организацијата „Четири шепи“ на Твитер.

По долги години лобирања, Каван во неделата конечно го напушти Пакистан, каде што беше сосема сам од 2012, кога угина неговата долгогодишна партнерка Сахели. Тој отсега ќе живее во засолниште во Камбоџа покрај 600 други слонови, но активистите предупредуваат дека му претстои долготраен процес на физичко и психичко заздравување.