ВЛАДИМИР ПЛАВЕВСКИ ОНЛАЈН ГО ПРОМОВИРА НОВИОТ РОМАН „БОКСЕРОТ ОД НОВО МААЛО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва од 19 часот, на Фејсбук страницата на „Литература.мк“ ќе се одржи промоција на новиот роман на Владимир Плавевски, насловен „Боксерот од Ново Маало”. Романот е во издание на „Арс Либрис”, дел од „Арс Ламина публикации”.

Плавевски вели дека за романот се инспирирал од легендарната личност од неговото детство, Шуре Катиљот.

„Главниот лик со интригантен прекар Шуре Катиљот е вистинска личност која постоеше во моето детство во Ново Маало, секако со нова варијација на името и презимето. Тој беше легендарна маалска личност, маалски идол кон крајот на 1950-ите и во почетокот на 1960-ите, згора на тоа и водач, кабадахија на маалската банда. И да се трудев да го измислам, не ќе можев да го димензионирам како ликот кој го опишувам, бидејќи тој беше вонсериска личност”, рече Плавевски.

Иако по професија е оториноларинголог, Плавевски е автор на повеќе драмски текстови и сценарија за телевизиски серии, ТВ-филмови и радиодрами. Во 2013 ја доби наградата „Роман на годината“ за „Јадица“.

К. СЕЛАМОВСКА