„Протрузија. Обиди за избивање“ е насловена изложбата на уметниците Гоце Наневски, Игор Сековски и Борис Шемов, која ќе се отвори вечерва во 19 часот во Домот на култура „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци.
Куратор на изложбата е Владимир Јанчевски, кој вели дека ова се автори кои се активни на локалната и на меѓународната сцена од средината на 90-ите години. Тие често изложувале заедно во рамки на бројни групни изложби и во досегашното творештво разработувале различни прашања и користеле различни медиуми.

„Но, сега првпат тие се претставуваат заедно како иницијатори на проект, во кој, освен изложување на индивидуалниот труд, насочувајќи го фокусот кон отворениот процес на работа низ размена, е отворен нов простор за преиспитување на сопствената работа и увид во можните точки на вкрстување, преку нови дела кои премиерно ќе бидат видени на оваа изложба“, вели Јанчевски.