НАУЧНИЦИ ЌЕ СЕ НУРНАТ ВО ИНДИСКИОТ ОКЕАН ЗА ДА ГО ИСТРАЖАТ ЖИВОТОТ КАДЕ ШТО НЕМА СВЕТЛИНА

Барселона, (АП)

Тим на научници се подготвува да нурне во длабочините на Индискиот Океан, во таканаречената „Полноќна зона“, каде што светлината едвај допира, но животот, сепак, опстојува.

Петнеделната експедиција на британската организација „Нектон“, поддржана од владите на Малдиви и Сејшели, треба да допре до морските врвови, систем од подводни планини кои се издигнуваат илјадници метри од морското дно. За да ги истражат овие негостољубиви длабочини, научниците на „Нектон“ ќе патуваат со едно од најнапредните подводни пловила, наречено „Лимитинг фактор“.

„Она што го знаеме е дека под 1.000 метри длабочина нема светлина, но има многу животни и тие се биолуминисцентни. Таму животот свети. Областа што ќе ја истражуваме е еден од биолошки најразновидните делови на светските океани. Не знаеме што ќе пронајдеме таму“, изјави директорот на мисијата, Оливер Стидс.

Минатиот август, „Лимитинг фактор“ ја комплетираше мисијата на спуштање до најдлабоката точка во сите океани, од кои најдлабоката изнесува речиси 11.000 метри. За да го издржи притисокот, пловилото е обложено со девет сантиметри титаниум и носи количество кислород за 96 часови.

„Сѐ што ќе правиме ќе биде за првпат. Сѐ што ќе видиме ќе биде откритие“, вели Стидс.