ЖИВОТОТ ПОЛЕКА СЕ ВРАЌА ВО ИЗГОРЕНИТЕ ОБЛАСТИ ВО АВСТРАЛИЈА (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Сиднеј, (Гардијан)

Рекордно високите температури и неколкумесечната суша помогнаа во ширењето на серија масивни пожари низ Австралија. Иако временските прилики во меѓувреме се подобрија, десетици пожари и натаму горат во Нов Јужен Велс и Викторија, двете најтешко погодени сојузни држави.

Од почнувањето на кризата во септември, загинаа 33 луѓе, од кои четворица пожарникари и изгореа повеќе од 11 милиони хектари шуми, грмушки и паркови низ земјата, што предизвика енормни штети во животинскиот и растителниот свет.

Сепак, фотографии од погодените региони покажуваат дека животот таму продолжува набргу откако низ нив поминал оган.

Растенијата кои еволуирале така што ги штитат своите пупки од оган за да можат брзо да изникнат откако ќе изгорат на површината се нарекуваат пирофити. Такви се и оние кои ги користат хранливите состојки од пепелта за да се обноват. Затоа не е невообичаено да се види нивно цутење набргу по уништувачки пожар и тоа е токму она што сега се случува во Австралија.