НАУЧНИЦИТЕ ПОЧНАА ПРОЕКТ ЗА СПАС НА ЦРВЕНИТЕ ПАНДИ ПРЕКУ САТЕЛИТСКО СЛЕДЕЊЕ

Катманду, (Би-Би-Си)

Конзерваторите сателитски ќе ги следат црвените панди во шумите на Непал со цел да научат повеќе за факторите кои водат кон нивно исчезнување, за да се спречи тоа.

Овие цицачи се загрозен вид и останати се само неколку илјади единки во источниот дел на Хималаи и во северозападна Кина. Научниците обележаа десет црвени панди со ГПС уред за да можат да го следат нивното движење низ непалските шуми.

„Ова е историски чекор во заштитата на црвените панди. На сите десет панди им дадовме имиња“, изјави Ман Бахадур Хадка, генералниот директор на одделот за заштита на шуми и земјиште во непалската влада.

За црвените панди порано се мислело дека се роднини на ракуни, па дека се поврзани со мечки, за потоа да се утврди дека имаат свој ген што ги прави посебна фамилија на животни. Најголемиот дел од времето го поминуваат на дрвја и главно се хранат со бамбус. И покрај името, не се блиску поврзани со големите панди.