НАУЧНИЦИТЕ ВЕРУВААТ ДЕКА ГО ИМААТ СПАСЕНО НАЈДЕБЕЛИОТ ПАПАГАЛ НА СВЕТОТ ОД ИСЧЕЗНУВАЊЕ

Окленд, (Би-Би-Си)

„Најдебелиот папагал на светот“ имаше рекордно успешна сезона на размножување во Нов Зеланд, охрабрувајќи ги научниците дека ќе можат да го спасат овој загрозен вид.

Познат како какапо, тој некогаш бил најраспространетата птица во Нов Зеланд, но сега се останати само 147 возрасни примероци и секој од нив има име, како Рут, Сузан и Зефир. Тој е предмет на најинтензивната програма на спасување на еден животински вид на светот, што вклучи и масовно садење на посебен вид четинари, чиј плод е омилена храна на овие ноќни птици кои не можат да летаат.

Оваа година, 49 женки имаат снесено вкупно 76 јајца, со што е урнат рекордот од 2016 година. Овие папагали инаку се размножуваат на секои две до четири години.

Сѐ до 1970-ите, какапо се сметаше за исчезнат, кога една мала група била пронајдена на островот Стјуарт. Во 1977 година се знаеше дека ги има само 18, по што нивниот број бил зголемен на два зафрлени острови, на кои немало предатори и други опасни штетници.

„Какапо е една од најомилените птици во Нов Зеланд. Луѓето многу ги сакаат, бидејќи тие не се однесуваат како обични птици. Понекогаш се однесуваат како стари, пргави луѓе“, изјави д-р Ендрју Дигби, научен советник во Националниот оддел за конзервација на Нов Зеланд.