Претставата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска, во продукција на независниот театар „Златен Елец“ од Скопје, на 10 август ќе учествува во официјалната конкуренција на меѓународниот џез театарски фестивал Нишвил во Ниш, Србија.
Овој театарски фестивал од 2017 се одржува во рамките на џез фестивалот Нишвил, кој годинава слави 30 години постоење. Во главната програма се вклучени осум претстави од Србија, Италија, САД, Холандија и Црна Гора, а изведбите се на отворени сцени на неколку локации во Ниш.
„Кенди“ е дуодрама според романот на Лук Дејвис, која зборува за зависностите кај младите, со фокус на опијатната зависност. Премиерата беше во 2022. Играат Бобан Алексоски и Лео Поповиќ, музиката е на Лука Тошев, а адаптацијата и режијата се на Стојаноска. Досега претставата двапати беше наградена, на фестивалот „Бранко Ѓорчев“ и на Млад отворен театар во 2023.