НОВ ВИД НА ДИНОСАУРУС ОТКРИЕН ВО АВСТРАЛИЈА Е ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ НА СВЕТОТ

Бризбејн, (Би-Би-Си)

Австралиските научници класифицираа нов вид на диносаурус, за кој велат дека е најголем досега откриен на континентот. Australotitan cooperensis или „јужен титан“ е откриен во 2007 година на семејна фарма во Квинсленд и спаѓа меѓу 15-те најголеми диносауруси на светот.

Уметнички приказ на australotitan

Експертите велат дека овој титаносаурус бил 6,5 метри висок и 30 метри долг, односно колку кошаркарско игралиште. Тие во изминатите десет години работеа на неговата идентификација.

Тој припаѓал на сауроподи, односно растителнојадни диносауруси, кои биле познати по својата големина и имале мала глава, многу долг врат, долга опашка и дебели нозе налик на столбови. Тие лутале по континентот во периодот на Креда, пред 92-96 милиони години.

Најголемиот диносаурус на светот, долг 37 метри и тежок 70 тони, е откриен во Аргентина во 2017.