НОВИОТ АЛБУМ Е ИНСПИРИРАН ОД МОЈАТА ДЛАБОКА ТРАНСФОРМАЦИЈА, ВЕЛИ ЏЕНИФЕР ЛОПЕЗ, ЕДНА ГОДИНА ОТКАКО СЕ ОМАЖИ ЗА БЕН АФЛЕК

Лондон, (Дејли мејл)

Објавата на фотографиите на Џенифер Лопез (54) во долна облека со која најави соработка со познат моден бренд, се поврзува со најавата на нејзиниот нов албум кој треба да излезе следната година, објави „Дејли мејл“.

Ова доаѓа еден ден откако мајката на близнаците Ем и Макс (15) кои ги има со поранешниот сопруг Марк Ентони  беше видена во ресторан за брза храна со Бен Афлек.

По најавата за новиот албум, Џенифер Лопез најави и соработка со познат италијански бренд за долна облека. (Фото: Н.Џ.Рој)

„Колекцијата означува важно второ поглавје во креативното партнерство на италијанскиот бренд и американската ѕвезда, кои ги здружија силите за да го спојат квалитетот на „Интимисими“ со препознатливиот стил на Џенифер Лопез“, се вели во соопштението на брендот.

Колекцијата црпи директна инспирација од претстојниот албум на Џенифер Лопез, „Ова сум јас сега“ кој е инспириран од, како што изјави Лопез, нејзината длабока трансформација.

Џенифер Лопез и Бен Афлек ја прославија првата година од венчавката во јули, откако во 2021 година ја обновија врската.