НОВИОТ ВСЕЛЕНСКИ ТЕЛЕСКОП „ЏЕЈМС ВЕБ“ ЌЕ БИДЕ ЛАНСИРАН НА 24 ДЕКЕМВРИ, ЌЕ ОТКРИВА ЅВЕЗДИ СТАРИ 13,5 МИЛИЈАРДИ ГОДИНИ

Брисел, (Би-Би-Си)

НАСА и Европската вселенска агенција (ЕСА) потврдија дека новиот вселенски телескоп „Џејмс Веб“ ќе биде лансиран на 24 декември. Вреден 10 милијарди долари, наследникот на „Хабл“ се состои од три главни дела: телескоп, голем сончев штит и вселенско летало што ќе управува со дневната работа на опсерваторијата.

Новата опсерваторија е изградена да гледа подлабоко во вселената од својот претходник и како резултат на тоа, ќе може да открие настани кои се случиле многу поодамна, пред повеќе од 13,5 милијарди години. Научниците планираат да ги искористат неговите понапредни способности за да ја проучуваат атмосферата на далечните планети, со надеж дека ќе детектираат знаци на живот.

НАСА и ЕСА 30 години заедно го дизајнираа и градеа „Џејмс Веб“, кој денеска за последен пат беше виден на Земјата, пред да биде затворен во „носот“ на ракетата „Аријана 5“. Ако времето биде лошо, лансирањето ќе биде поместено на 25 или 26 декември.

Ракетата ќе го исфрли телескопот на патека што ќе го однесе до набљудувачката станица на околу 1,5 милиони километри од Земјата. Тоа патување би требало да трае околу еден месец.

Целта на „Веб“ е да ги сними најраните предмети кои се формирале по Големата експлозија. Се претпоставува дека тоа се колосални ѕвезди групирани во првите галаксии.