Нов Зеланд следниот месец ќе одржи референдум за легализирање на марихуаната, во услови кога јавноста е силно поделена по ова прашање, а водечките политичари не сакаат јавно да се изјаснат. Тој ќе се одржи паралелно со парламентарните избори на 17 октомври и ако помине, Нов Зеланд ќе стане третата земја на светот која ја легализирала рекреативната употреба на марихуаната, по Уругвај и Канада.
Актуелната премиерка Џесинда Ардерн е голем фаворит на изборите, но според последната национална анкета, 49,5% од жителите на Нов Зеланд ја поддржуваат легализацијата, наспроти ист толкав процент кои се против. Еден процент од испитаниците не дале одговор.
„Ова е единствената шанса што ја имаме. Одбивањето ќе го зацврсти сегашниот систем и ќе ги уплаши политичарите“, вели Рос Бел, извршен директор на Фондацијата за лекови на Нов Зеланд.
Ардерн досега одбиваше да каже дали ја поддржува легализацијата, зашто не сакала да влијае врз референдумот.
Според предложениот нацрт-закон, лицата над 20 години би смееле да купат до 14 грама марихуана на ден во лиценцираните продавници. Тие би смееле да ја консумираат во приватни услови и да засадат две стебла.