ОГРОМЕН ГЛЕЧЕР НА МОН БЛАН ПРЕД УРИВАЊЕ

Милано, (Би-Би-Си)

Италијанските власти затворија патишта и евакуираа планинарски домови откако експертите предупредија дека дел од глечер на Мон Блан би можел да се урне.

Станува збор за ледена површина од 250.000 кубни метри, која би можела да се откине од глечерот Планпансју, што се наоѓа на врвот Гранд Жорасе. Градоначалникот на локалното гратче Курмајер, Стефано Мизероки, изјави дека глобалното затоплување ја менува планината.

Масивот Мон Блан е највисокиот планински венец во Западна Европа и има 11 врвови повисоки од 4.000 метри во Франција и Италија, привлекувајќи стотици илјади туристи и планинари секоја година.

Мизероки нареди затворање на патишта на италијанската страна на Мон Блан откако експертите забележаа дека секција од глечерот се лизга 50-60 сантиметри на ден.

„Овој феномен покажува дека планината минува низ период на голема промена како последица на климатски фактори и затоа е многу ранлива“, изјави Мизероки.

Експертите засега не можат со сигурност да кажат кога оваа огромна ледена маса ќе се урне.