ОПШТИНА ШТИП ДОДЕЛИ ПОВЕЌЕ ОД 2.000 УНИФОРМИ ЗА ОСНОВЦИТЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Над 2.000 штипски основци од одделенската настава добија училишни униформи како дел од програмата што Општина Штип ја започна минатата година. Се планира наредните фази да бидат наменети за основците од предметната настава.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, веќе најави нова финансиска анализа и конструкција за новата програма, која е само за основците од шесто до деветто одделение, додека средношколците не се опфатени со новиот проект.

„Со годинашнава акција се опфатени сите ученици од прво до петто одделение. За училишните униформи Општина Штип обезбеди пет милиони денари. Во текот на оваа и наредната година униформи ќе добијат и основците од предметната настава. Носењето на униформите во училиштата е задолжително. Целта на ваквото унифицирање е да се намалат социјалните разлики и помалку да бидат видливи помеѓу учениците кои во училиште треба да бидат еднакви“, вели Соња Николова од Одделението за образование во Општина Штип.

Училиштата во Штип продолжуваат со ланската пракса секој понеделник пред почетокот на првата и втората смена во холовите да се интонира државната химна.

Т. ЈОВАНОВСКИ