ОСНОВАЧКАТА НА „ПУСИ РАЈОТ“ МАРИЈА АЉОХИНА ГОСТУВА НА Д ФЕСТИВАЛ ВО ДОЈРАН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Една од основачките на руската феминистичка активистичко-музичка група „Пуси рајот“, Марија Аљохина, ќе биде гостинка на годинашното издание на Д фестивал во Дојран, за да го претстави нејзиниот најнов проект, наречен „Денови на немири“.

Станува збор за театарско-музички перформанс, што се базира врз истоимената книга на Аљохина. Тој ќе биде изведен на главната бина на 8 јули.

„Тоа е перформанс за активизмот, рускиот политички отпор, злоупотребата на моќта, нечовечните услови во затворите, но и за надежта за подобро општество“, стои во најавата на настанот.

Светот слушна за „Пуси рајот“ во 2012 година, кога три нивни членки, вклучувајќи ја и Аљохина, беа уапсени, откако изведоа перформанс во црква во Москва. Тие беа обвинети за хулиганизам мотивиран од верска омраза и осудени на две години затвор. Аљохина беше ослободена во декември 2013 година по амнестијата од руската Дума.

„Пуси рајот“ продолжуваат да се ангажираат како големи критичари на политиките на Владимир Путин.