Фосилизирани остатоци на голем летечки рептил со големина на автобус се откриени во Аргентина. Змејот на смртта, како што научниците го именуваа новиот вид, ловел плен од високо пред 86 милиони години. Целосно раширени, неговите крила имале распон од неверојатни девет метри.
„Овој вид имал висина слична на жирафа, а распонот на крилата им пркоси на границите на нашето биолошко разбирање. Неговата големина била застрашувачка и живеел во времето на диносаурусите“, изјави водачот на проектот Леонардо Ортис.
Неговите остатоци се пронајдени во карпите во Андите во 2012 година. Се верува дека овој рептил бил еден од првите предатори кој ги користел крилата за да лови плен, летајќи на небото пред да се појават птиците. И покрај тоа, Ортис смета дека тој најголем дел од времето го поминувал на земја.