Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложбата „Визии – глава полна со луѓе“ со дела од доајенот на македонското сликарство Родољуб Анастасов. Претставени се околу 200 портрети во мал формат, изработени во техника молив во периодот 2016-2020. Кураторка на изложбата е Јасминка Намичева.
„Ова се цртежи кои Анастасов ги изработи по неколку животни премрежија, откако престана да слика по доживеан тежок мозочен удар. Тој е еден од ретките светски сликари кој се рехабилитираше и повторно работи, сега не со боја, туку со молив. Прикажана е неговата борба на ангели и демони“, рече Намичева.
На тематски план, серијата цртежи е автобиографска, затоа што портретираните луѓе, на еден или друг начин, биле дел од неговиот живот или барем ги сретнал и останале запишани во неговата меморија.
„Ова се портрети на сите мои луѓе, и лошите и добрите“, рече Анастасов.
П. ПЕЧКОВ