Монографијата „Ванчо Чавдарски – скромниот музички великан“, посветена на животот и делото на еден од најзначајните диригенти во македонската музичка историја, беше промовирана во Скопје. Автор на монографијата е Јован Мазгански, а промотор беше професорот и музички публицист Александар Трајковски.
Настанот беше збогатен со настапи на пијанистите Глигор Гелебешев и Катерина Гелебешева-Костадиновска и на баритонот Борис Трајанов, во придружба на пијанистот Дарко Мариновски.
Ванчо Чавдарски (1930–2001) беше диригент и директор на Филхармонијата, основач на Македонскиот камерен оркестар и уметник со богата меѓународна кариера. Настапувал со повеќе од 60 симфониски оркестри низ светот, а од 1965 до 1971 со Камерниот оркестар на Филхармонијата реализирал 15 турнеи и гостувања во Европа, Америка и поранешниот СССР.
За неговиот исклучителен талент, ректорот на Музичката академија во Белград, Живковиќ, своевремено изјавил: „Во својата кариера не сум сретнал таков талент како Ванчо Чавдарски“.