Богат и несекојдневен концерт одржаа „Танец“ и оркестарот на Националната опера и балет сношти во НОБ во Скопје. Да се гледа и слуша заедничкиот музичко-сценски настан наречен „Фолклорно-класична симбиоза“ беше ретка привилегија. Дел од оркестарот и хорот на НОБ заедно со оркестарот и хорот на „Танец“ на уникатен начин го споија фолклорот со класиката.

Во придружба на оркестарот, со кој диригираше Бисера Чадловска, играорците на „Танец“ ги изиграа прочуените кореографии „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“ и „Водарки“, кои звучеа побогато во симфонизирана верзија. Концерт-мајстор беше Верица Ламбевска, а новите аранжмани на традиционалните дела ги направи Дарко Илиевски.

Еден од поубавите делови на концертот беше сплетот на македонски народни песни во 12/8, кои ги испеаја хоровите на „Танец“ и НОБ. На сцената се појавија 130 уметници, кои ги заслужија неколкуминутните стоечки овации и аплауз на крајот.

За време на концертот, на видеобим се прикажуваа предели од разни делови на Македонија.
Она што беше видливо е дека двете установи со големо задоволство соработувале на овој проект. Играорците им аплаудираа на хоровите и музичарите, а музичарите им извикуваа „браво“ на играорците на крајот.

Сите концерти на „Танец“, вокални или сценски, се посебни на свој начин поради тематиката, гостите и самите уметници-домаќини. Но, ваков досега немало и би било убаво ако соработката на НОБ и „Танец“ прерасне во традиција.
М. ЏАРОВСКА / Фото: К. ПОПОВ