ПАТУВАЧКИОТ КАРАВАН НА МЕРЦЕДЕС СО ОСУМ КАМИОНИ И ШАТОР СЕ ПАКУВА И СЕ РАСПАКУВА ЗА САМО ЕДЕН ДЕН

Скопје, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

На специјално подготвениот полигон на паркингот на аеродромот „Александар Велики“, инструктори од Штутгарт ги презентираа најнапредните системи на мерцедес -бенц, за безбедно и ефикасно возење, како и за системот со авто пилот со кои се овозможува полусамостојно управување на возилото.

Презентацијата се одржа по повод 50 годишното постоење на луксузните модели „АМГ“ кои чинат неколку стотици илјади евра.

Станува збор за патувачки караван кој патува од земја до земја и во рекордно време ги подготвува презентациите.  Пред Скопје, патувачкиот караван на Мерцедес-бенц бил во Словенија, Хрватска, Србија, Унгарија, Белорусија, Летонија и ќе заврши во Бугарија.

За сѐ да изгледа убаво и секоја презентација на моделите на мерцедес-бенц да функционира во различни земји, заслужна е невидлива логистика од екипа која за само еден ден го подготвува целиот настан.

Со Мајкл Тун, водач на тимот и  инструктор на мерцедес-бенц, поразговаравме не за  моделите, туку за тоа кој сѐ е заслужен за да има успешна промоција на луксузните модели.

Тој вели дека целата логистика на презентацијата е од екипата на патувачкиот караван – од монтирање на тендата па до тестирањето на моделите.

Целата логистика на презентацијата е од екипата на патувачкиот караван – од монтирање на тендата па до тестирањето на моделите. Инструкторот Мајкл Тун им ги објаснува на тест возачите перформанските на возилото (Фото: Ѓ. Личовски)

„Осум камиони, со шаторот, со сета опрема. Цел тим е наш, (не од Скопје). Тие работат многу напорно, и три месеци од годината се далеку од дома на роудшоу тура. Потребен ни е само еден ден да монтираме. Многу се брзи, тоа е добар тим, сите знаат што треба да прават, и утре по настанот, го расклопуваме до 1 или 2 часот после полноќ“, вели  Мајкл Тун, водач, и инструктор за возилата  од мерцедес Бенц.

За искуствата од караванот, Тун вели дека секоја локација е ново искуство.

„ Мораме да се прилагодуваме. Овде во Скопје сме на прекрасен паркинг простор. Во други земји бевме на стари аеродромски писти, па е крајно различно. За секоја локација ја прилагодуваме нашата програма“, вели Тун. Тој додава дека немале проблеми  на досегашните презентации.

„Понекогаш има проблеми, но не со владеењето на технологијата,  туку со забрзувањето,  бидејќи ги испробуваме возилата кои имаат околу 500 коњски сили, каде забрзувањето е стварно големо. Но ние најчесто тестираме на градски улици, а не на тркачки патеки, па затоа мора да внимаваме, но сѐ тече добро и сѐ е забавно“, раскажува Тун за искуствата при патувањето на караванот во различни земји.