ПЕСНАТА „КУКЛИЦИ“ НА АНДРЕЈ АЛ-АСАДИ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „ЕНХАЛОН“ НА 61. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Песната „Куклици“ на македонскиот автор Андреј Ал-Асади ја доби наградата „Енхалон“ на 61. издание на Струшките вечери на поезија, кое беше затворено синоќа. Оваа награда се доделува за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот.

Жири-комисијата во состав Елена Пренџова, Игор Трпчески и Биљана Стојановска кажа дека станува збор за песна со цврста структура.

„Во избор за наградата беа песни од повеќемина млади, но етаблирани македонски поетеси и поети со изграден впечатлив авторски потпис. Жири-комисијата ја избра песната ‘Куклици‘ од Андреј Ал-Асади поради оригиналниот поетски спев со кој се наметна. ‘Куклици‘ претставува заумна поезија и е песна со цврста и стегната структура и силна звучност. Заумната песна на Ал-Асади ни кажува дека станува збор за поет-мајстор на стиховите, кој длабоко ја осмислува и обмислува својата песна до совршенство“, стои во образложението на жири-комисијата.