Петтото издание на Меѓународниот фестивал на литература и илустрација за деца „Литера“ ќе се одржи од 23 до 27 мај во Музејот на Град Скопје под мотото „Свет со љубов“. Една од ѕвездите на фестивалот, како што најави организаторот, е познатиот хрватски илустратор Доминик Вуковиќ, кој работеше на визуелниот идентитет на „Литера 2023“.
Годинава ќе учествуваат повеќе гости од Хрватска и Македонија, а планирани се многу настани, како мастер класови, работилници за професионални илустратори, промоции на книги, детски работилници за литература и илустрација и читања сликовници.
Ќе бидат отворени три изложби на автори од Хрватска, како и изложбата „Свет со љубов“, на која ќе бидат изложени дела на млади македонски илустратори кои учествуваа на конкурсот што го организираше фестивалот.
„Визијата на ‘Литера’ е голема. ‘Литера’ е повеќе од значајна за нашето општество, но најмногу за новите генерации. Преку квалитетна илустрација за деца се развива нивната визуелна култура. Важно ни е на ‘Литера’ да се промовираат најдобрите наслови, за да имаме што повеќе македонски сликовници“, вели Софија Семенпеева од тимот на „Литера“.