По 11 години, Ребека Јанковска-Ристески во ТВ-гостување ја испеа песната „Обиди се“, нејзиниот прв хит од 1999 и песна за која е снимен првиот спот од српскиот видеопродуцент Дејан Миличевиќ во Македонија.
На вечерашниот концерт „99 ѕвезди“ во салата „Јане Сандански“ во Скопје, таа ќе ја потсети публиката на уште еден свој хит, „Нешто убаво“, песна за која вели дека ја пее одвреме-навреме. Ребека е сега послабо активна во музиката, посветена е на семејството и на здружението на лица со ретки болести „Дајте ни крилја“.
Со насмевка, таа се присети на снимањето на првиот модерен македонски спот за песната „Обиди се“, кој беше вистински хит и нешто несекојдневно за 1990-тите, а спотот се гледа и денес на дигиталните платформи.
„Моментот додека дојдовме до снимањето беше многу тежок за мене, да истрчам, да најдам спонзор кој ќе го покрие снимањето. Се поклопија некако коцките, Дејан Миличевиќ тогаш бил во Скопје. Ја слушнал ‘Сакам нешто жешко’ на радио, потоа ме видел на телевизија и се заинтересирал која сум. Сакаше токму преку мене да ја испромовира неговата видеопродукција во Македонија. И јас истовремено барав добар режисер, спонзори, фризери и шминкери. Сакав спотот да е соодветна приказна со сите елементи. Костумот за капење самата го пронајдов, но тука беа вклучени Миличевиќ, Сретен Костиќ, Сергеј Варошлија и Драган Вурдеља од Србија како стилисти. Поради спотот, од црвенокоса станав русокоса и ми направија плетенки“, се сеќава Ребека.
Пејачката вели дека кога со екипата тргнале накај Охрид да го снимаат спотот, имале сообраќајна незгода, но за среќа, никој не бил повреден, па се вратиле во Скопје и по вторпат заминале за Охрид. Во спотот, заедно со неа се појавуваат модели и балерини од студиото „Ребис“ и сестра ѝ Хелена Роза, која била бремена во седмиот месец.
„Со десет автомобили патувавме накај Охрид, се собраа луѓе кои сакаа да го гледаат снимањето во кампот Љубаништа. За мене беше големо искуство и направивме еден исчекор во видеопродукцијата. Тешко се наоѓаа спонзори. Никој не сакаше да вложи во музички спот додека на фирмите не почнав да им пуштам спотови од Дејан Миличевиќ за да видат како изгледа неговата работа. Самата го изменаџирав тој дел“, ни изјави пејачката.
Ребека е горда што по спотот излегло првото мултимедијално цеде во Македонија со нејзините спотови. Пејачката вели дека нејзиниот сајт rebeka.com.mk бил првиот сајт на физичко лице во Македонија.
„Само ‘Нова Македонија‘ и јас имавме сајтови тогаш. Сајтот имаше 40.000 посети месечно, за тоа време тоа беше неверојатно. Добивав пораки на кои одговарав секојдневно, на обожаватели им праќав мои картички, цедеа, маички. Во времето кога немаше Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб, сајт беше врв“, се сеќава пејачката.
Ребека на концертот „99 ѕвезди“ ќе изненади и со „Скопските девојки“, која ќе ја пее со групата „Пис брадрс“ и вели оти никој не знаел дека таа го пеела женскиот вокал во оваа песна.
М. ЏАРОВСКА