ПО СЕРИЈА НЕСРЕЌИ, КИНА МАСОВНО ГИ ЗАТВОРА СВОИТЕ СТАКЛЕНИ МОСТОВИ

Пекинг, (Гардијан)

Опсесијата на Кинезите со спектакуларни стаклени мостови доживеа неславен крај откако една провинција ги затвори сите свои атракции.

Хебеи, планинска провинција во северна Кина, ги затвори сите 32 стаклени мостови, шеталишта и платформи во текот на оваа година од безбедносни причини, објави државната телевизија ЦЦТВ.

Меѓу нив е и стаклениот мост Хонгјагу, кој до неодамна го имаше статусот на најдолг на светот. Долг 488 метри, тој поврзува две остри карпи и е поплочен со повеќе од илјада стаклени панели.

Одлуката била донесена по серија несреќи низ земјата, од кои најмалку две со смртен исход.

Се проценува дека низ Кина има 2.300 стаклени мостови и лудилото почна во 2016 година, со отворањето на тогаш најдолгото (430 метри) и највисоко стаклено шеталиште на светот, во планините Џангџијаџие, кои послужиле како инспирација за филмот „Аватар“.