ПОБЕДНИЧКАТА НА ЕВРОВИЗИЈА КОНЧИТА ВУРСТ ОТКРИ ДЕКА Е ХИВ-ПОЗИТИВНА

Виена, (Би-Би-Си)

Победничката на Евровизија, Кончита Вурст, објави дека е ХИВ-позитивна и дека веќе неколку години редовно оди на третмани.

Дваесет и деветгодишната Австријка кажа дека не сакала оваа информација да ја сподели со јавност, но се плашела дека бившото момче ќе ја уценува.

„Нема да дозволам никој да ме застрашува и да влијае врз мојот живот. Подобро сама да кажам, отколку тоа да се дознае преку трета страна“, напиша Вурст на Инстаграм.

Таа вели дека благодарение на редовните третмани вирусот е толку потиснат, што веќе не може да се забележи во крвта и да се пренесе.

Вурст, чие вистинско име е Томас Нојвирт, се здоби со меѓународна популарност со победата на Евровизија во 2014 година со песната „Крени се како Феникс“.