Повеќе од 450 учесници од осум земји ќе бидат дел од 12. издание на Филмскиот фестивал за млади Џифони Македонија во Скопје, што се отвора вечерва (3 октомври). Фестивалот почнува во 19 часот во киното Милениум со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“ и ќе трае до 8 октомври. Влезот е бесплатен.
Петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција и 40-ина кратки и анимирани филмови се распределени во три натпреварувачки категории според возраста на учесниците: јуниори (шесто до деветто одделение), кадети (прва и втора средно) и сениори (трета и четврта средно).
Секој ден од 15:45 и 17 часот ќе се одржуваат разговори на тема „Зајакнување на креативноста на младите“, на која ќе учествуваат млади успешни луѓе кои ќе ги споделат своите искуства. Ќе бидат претставени младински иницијативи и работилници за снимање филмови, на кои ќе учествуваат „Докуникулци“ на фестивалот Македокс, „Тин док“ на фестивалoт Интеракција од Србија, „Аспирин продукција“ од Скопје, ирската режисерка Грета Торнтон, македонскиот јутјубер Иван Ајнштајн и други.
Фестивалот ќе биде затворен на 8 октомври во киното Милениум, кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории.