Денеска почнува Неделата на италијански јазик во Македонија, која оваа година е посветена на темата „Италијанскиот јазик и одржливоста“, со осврт на еден од најзначајните италијански писатели Итало Калвино, токму на стогодишнината од неговото раѓање.
Организатор е Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со институциите кои ја промовираат италијанската култура во земјава, од каде што најавуваат повеќе настани за италијанските јазик и книжевност, со фокус на театарските претстави, кинематографијата и поезијата инспирирани од природата и географските места.
Меѓу настаните е одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Италија и Македонија. По тој повод ќе се презентира комеморативната поштенска марка, реализирана во соработка со Пошта на Северна Македонија, што ќе се одржи в среда (18 октомври) во 12 часот во Сојузот на филателистите на Македонија во Скопје. Графичкиот дизајн за поштенската марка беше избран на конкурс, организиран во април од Амбасадата и Институтот „Данте Алигиери“ во Скопје. На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, професорот Рино Капуто утре ќе одржи предавање на тема одржливоста во делата на Итало Калвино.
На 24 октомври од 17 часот, во Европска куќа во Скопје ќе има промоција на првиот опширен водич за планинскиот и културен туризам во Северна Македонија на италијански јазик, напишан од Алесио Ликуори, првиот секретар во Амбасадата на Италија во Скопје од 2017 до 2021.