ПОЛАРНИТЕ МЕЧКИ БИ МОЖЕЛЕ ДА ИСЧЕЗНАТ ДО КРАЈОТ НА ВЕКОТ

Торонто, (Би-Би-Си)

Поларните мечки би можеле да исчезнат од Земјата до крајот на векот доколку не се преземат порешителни акции за да се запрат климатските промени, предупредија научниците. Тие велат дека некои популации веќе се доведени до работ на преживување како што се намалува арктичкиот морски мраз.

Овие месојадни животни зависат од мразот во Арктичкиот Океан бидејќи на тој начин ловат фоки. Како што мразот се крши, тие мора да поминуваат долги дистанци или да излегуваат на копно, каде што се мачат да најдат храна и да ги хранат младите.

„Поларната мечка стана заштитно лице на климатските промени. Тие веќе живеат на врвот на светот. Ако мразот исчезне, тие ќе нема каде да одат“, вели д-р Питер Молнар од Универзитетот во Торонто.

Ако емисиите на стакленичките гасови продолжат да бидат високи, најголем дел од популацијата на поларните мечки ќе исчезне до 2100 година, велат новите студии. Тие би можеле да опстанат само на крајниот север доколку не се забават климатските промени.