Поп-пејачката Симона Поповска сними спот за песната „Бакни ме за крај“ која ја отпеа викендов на фестивалот „Макфест“ во Штип. Автор на песната е Горјан Стојановски, а режисер на спотот Крсте Шупев.
„Статистички секоја четврта жена во светот е жртва на родово базирано психолошко насилство од страна на партнерот, а токму преку фениксот кој беше инспирација и за креацијата што ја носев на Макфест сакав да ја испратам пораката што се појавува и на крајот од видеото, дека секој има свој пат и право да го изоди. Секој треба и може да го разбуди фениксот во себе, кој всушност ја симболизира трансформацијата и обновувањето“, вели Поповска. Пејачката од Охрид која претходно често учествуваше на домашните поп фестивали, роди син во 2021 година и од тогаш направи пауза со музички настапи. Вели дека сега ќе се фокусира на создавањето нова музика и настапите во живо.