ПОПУЛАРНИ АВТОМОБИЛИ КОИ ЗАМИНАА ВО ИСТОРИЈА ВО 2019

Лондон, (Мотор1)

Оваа година од пазарот се повлечени голем број автомобилски модели и некои своевремено беа доста популарни. Ова се некои од моделите што веќе нема да можат да се купат, барем не нов.

СИТРОЕН Ц4/ДС 4

На патиштата и натаму често се среќава и еднаш дури беше модернизиран, но со појавата на „кактус“ некако стана вишок. Нема да се продолжи ниту со неговата луксузна верзија ДС 4, од која годинава се продале едвај неколку стотици примероци.

СИТРОЕН ДС 5

Кога се појави во 2011 година изгледаше футуристично и интересно, што денес веќе не е случај.

ФИАТ ПУНТО

Оваа година останавме без еден од најдолговечните модели. „Пунто“ се произведуваше цели 25 години и своевремено беше европски автомобил на годината. Во меѓувреме, го загуби натпреварот во цената и квалитетот со најголемите конкуренти, како „поло“, „фиеста“ и корејските автомобили.

ФОРД Б-МАКС

Овој моноволумен опстана само седум години, а како наследник дојде кросоверот „екоспорт“. „Форд“ одлучи да го згасне во рамките на својот план за зголемување на конкурентноста во Европа.

ТОЈОТА ВЕРСО

Претставен во 2009, тој своевремено беше важен модел на „Тојота“, но побарувачката на моноволумени драстично се намали.

ТОЈОТА АВЕНСИС

„Авенсис“ беше еден од најуспешните модели на „Тојота“ во Европа и се продаваше повеќе од 20 години. Неговото место во понудата на компанијата го зазеде нешто поголемиот „камри“.

ФОЛКСВАГЕН БУБА

Последниот примерок на еден од најпознатите автомобили на сите времиња излезе во јули од фабриката во Пуебла, Мексико. По 21,5 милиони продадени примероци, оригиналната „буба“ престана да се произведува во 2003, но таа претходно веќе беше заменета со „нова буба“, чија втора генерација излезе во 2011. Сепак, новата „буба“ не ги исполни очекувањата.