ПОРАНЕШНА СТАНИЦА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ ВО БЕРЛИН ЌЕ СТАНЕ ИСТОРИСКИ СПОМЕНИК

Берлин, (Дојче веле)

Поранешната шпионска станица во Тојфелсберг во Западен Берлин ќе добие државна заштита. Објектот кој се наоѓа во шумите надвор од Берлин е популарна дестинација за поавантуристички настроените туристи и властите соопштија дека наскоро ќе стане историски споменик.

Властите велат дека оваа одлука не значи оти напуштената станица за прислушување од времето на Студената војна ќе биде реставрирана и вратена во првобитната состојба, туку ќе биде заштитена во денешниот изглед.

За време на Студената војна, САД сакале да изградат станица за прислушување во Западен Берлин, за да ги пресретнуваат радиокомуникациите од Советски Сојуз. Испитувањата покажале дека вештачки направениот рид во Тојфелсберг ги има сите потребни услови да биде главен центар.

Станицата е изградена во 1963 година и функционирала сѐ до падот на Берлински ѕид, по што била затворена, а опремата запленета. Информациите за тоа што се случувало внатре се државна тајна.