ПОСТХУМНО ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „ВО СЕНКА НА ВИСТИНАТА“ ОД ДУШКО ЦАЦКОВ, ЕДЕН ОД ДОАЈЕНИТЕ НА ПЕДАГОШКАТА ДЕЈНОСТ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

На Факултетот за образовни науки во Штип постхумно се промовираше книгата „Во сенка на вистината“ од проф. д-р Душко Цацков, повеќегодишен декан на Педагошкиот факултет во Штип и еден од доајените на современата педагошка дејност во Македонија, кој почина во 2020.

Ова е негово последно издание кое го создал во периодот од 1949 до 1955, кога бил во зародиш на неговиот творечки опус и кога пишувал со желба да стане писател, што подоцна и му се остварило. Книгата е уредена од неговиот внук Оливер Цацков, професор на ФОН при Штипскиот универзитет и Анита Илиева-Николовска од Центарот за лексикографија при МАНУ.

„По едногодишна заедничка работа на богатиот опус на Душко Цацков, ја откривме повеќеслојноста на неговите необјавени проза и поезија. Книгата истовремено е олицетворение на неговата врвна образовна генерација, како што се Методи Чепреганов, поетот Михаил Ренџов и многу други, како и познатиот фудбалер Драгослав Шекуларац, со кого како деца играле фудбал во Штип“, кажа промоторот Оливер Цацков.

Душко Цацков беше дел од Вишата педагошка школа во Штип, формирана во 1959, која во 1995 со одлука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје прерасна во факултет, а од 2007 е во состав на Универзитетот „Гоце Делчев“.

Т. ЈОВАНОВСКИ